
Мицкоски: Постои сценарио Македонија да влезе во ЕУ на почетокот на 2027, но без право на глас!
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Канал 5 откри детали за можниот пристап на Македонија кон Европската унија, кој би можел да се реализира на почетокот на 2027 година. Според него, сценариото предвидува земјата да учествува во работата на Советот, комисиите и другите тела на ЕУ, но без право на глас.
Мицкоски појасни дека ваквиот модел постепено би го интегрирал македонскиот систем кон стандардите на Унијата преку процес на затворање на поглавјата и усогласување со барањата на ЕУ. Освен Македонија, според премиерот, сличен режим би имале и Украина, Црна Гора и Албанија.
„Како ќе ги затвора поглавјата, земјата постепено ќе се интегрира додека целосно не го адаптира својот систем кон она што го бара Европската унија“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека за овој процес мора да бидат исполнети два клучни услови: заедничка надворешна и безбедносна политика и владеење на правото. Тој потенцира дека Македонија е прва во регионот која ја има усогласено надворешната и безбедносната политика со ЕУ, додека владеењето на правото ќе остане основен критериум.
На прашањето дали уставните измени ќе бидат услов за пристап, Мицкоски одговори дека тоа претпоставува и таа точка да биде исполнета, бидејќи е прифатена од страна на претходната влада.
Премиерот додаде дека реализацијата на овој план зависи од низа фактори, меѓу кои и постигнување мировен договор за Украина, што е клучно за напредокот на земјата кон ЕУ.
