МИЦКОСКИ НА СРЕДБА СО ЗАДГРАНИЧНИ КОМИТЕТИ НА ВМРО-ДПМНЕ ВО ГЕРМАНИЈА Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината
Премиерот Христијан Мицкоски заедно со членовите на Извршниот комитет Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Солинген, СР Германија.
Мицкоски во поздравното обраќање пред делегатите на Конференцијата нагласи дека македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, при што ги запозна со состојбите во Македонија, економските параметри кои покажуваат раст, со инфраструктурните проекти, како и справувањето со условите предизвикани од светските предизвици во енергетиката.
Во однос на меѓународната позиција, Мицкоски истакна дека Македонија станала држава за почит, држава којашто својот став го брани со аргументи и со јасни пораки и стратегија. Тој додаде дека положбата во којашто се наоѓа државата е таква поради грешките од минатото, тешки како планини.
– ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај народот, со предност поголема од сите други политички актери заедно – рече Мицкоски.
На конференцијата од страна на присутните се отворија повеќе прашања во насока на подобра и засилена комуникација на македонската дијаспора со татковината, како и за можностите за инвестирање и за враќање во Македонија.
.
Извор: plusinfo.mk