
Метео аларм за Македонија: Се очекуваат обилен дожд, грмежи и силен ветер, најинтензивно во текот на ноќта
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска издаде метео-предупредување за нестабилно време со пообилни врнежи од дожд, кои се очекуваат да продолжат во текот на целиот ден, ноќта и утре претпладне.
Според УХМР, врнежите повремено ќе бидат поројни, со услови за појава на грмежи.
Најинтензивни процеси се очекуваат во текот на ноќта кон понеделник, особено во западните делови на земјата. Таму, метеоролозите прогнозираат пообилен пороен дожд, при што локално се очекува да наврнат над 30 литри на метар квадратен.
Врнежите ќе бидат придружени и со засилен ветер. Надлежните апелираат на внимателност поради можноста од локални поројни поплави и зголемување на водостојот на реките и суводолиците.
