
„Марш на ангелите“ во сабота: Чекориме за да потсетиме дека правдата не смее да доцни!
Здружението на граѓани „16-ти Март“ упати отворен повик до јавноста за учество во „Маршот на ангелите“, кој ќе се одржи оваа сабота (21 февруари) со почеток во 15:05 часот.
Овој настан е замислен како достоинствен и тивок собир посветен на сеќавањето на прерано изгубените млади животи, но и како гласен апел за итна и вистинска правда. Организаторите нагласуваат дека целта на маршот е да се побара одговорност за секоја неправда и да се потсетат институциите дека правдата не смее да доцни.
„Овој марш е глас на семејствата, пријателите и целата заедница која не се помирува со молкот и нерешените прашања. Чекориме за да потсетиме дека изгубените животи нè обврзуваат на упорност“, стои во повикот од Здружението.
Граѓаните се поканети да се приклучат во голем број и преку своето присуство да дадат поддршка на семејствата кои трагаат по вистината. Пораката на собирот е јасна: достоинствено, тивко, но одлучно до конечна правда.
