Марјановиќ: Скринингот за рак во Македонија е хаотичен и недоволен
Ана Марјановиќ од Хемаонко, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупреди дека македонскиот здравствен систем е недоволно подготвен за онколошки пациенти и дека скрининг-програмите за рак не функционираат ефикасно.
„Ние, пациентите со карцином на дојка, се здруживме и како пеперутки протестиравме пред Јавното обвинителство за да укажеме на хаосот во онкологијата. Резултатите од нашите активности мотивираа да се вклучиме во ХЕМА-ОНКО и да помогнеме на пациентите“, рече Марјановиќ.
Таа објасни дека во Македонија нема централен регистар за рак, а скрининг-програмите се ограничени и недоволни: „Да имаме скрининг програма само со регистрација преку интернет за жени над 40 години не е доволно. Ако пациентот има грудка, што следува? Патеката за третман не е обезбедена, нема капацитети на радиолози и мамографи, што создава хаос.“
Марјановиќ истакна дека вложувањето во ефективни и редовни скрининг-програми е клучно не само за здравјето на пациентите, туку и за заштеда на здравствениот систем, бидејќи рано откриените случаи се лечат поефикасно и поевтино.
„Секој пациент откриен во првиот стадиум има многу поголеми шанси за преживување, а државата штеди на скапите терапии за доцно дијагностицираните пациенти“, заклучи таа.