МАКЕДОНСКИ ВОЈНИЦИ НА УКРАИНСКО ТЛО НЕМА ДА ИМА Мисајловски тврди дека Македонија нема да испрати воен персонал
Македонија нема да испраќа свои војници во Украина, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски, нагласувајќи дека државата никогаш не презела таква обврска.
– Ние никогаш не сме ветиле и никогаш не сме кажале дека македонски граѓани ќе одат. Тоа треба секој да го знае и многу пати сум ја давал оваа изјава. Македонски војници на украинско тло нема да има. Ние веруваме да има мировен договор, тоа е нашиот став – рече Мисајловски во гостување на Канал 5.
Тој посочи дека Македонија разгледува можности за поддршка на Украина преку меѓународни иницијативи и трипартитни договори. Според Мисајловски, една од опциите е земјата да донира одредена опрема, а за возврат да добие поддршка преку соодветни фондови.
За овие можности, како што рече, веќе било разговарано и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На прашањето дали Македонија, како членка на НАТО, би можела да одбие евентуално барање за испраќање воен персонал, Мисајловски одговори дека таква обврска не произлегува од членството во Алијансата.
– Ова не е обврска што произлегува од НАТО. Нема таква обврска. Станува збор за иницијатива на големите сили на Европа, Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се обидуваат да придонесат повеќе за Европа и Украина – рече министерот.
Мисајловски додаде дека прво треба да се постигне мировен договор, а потоа да се разговара за сите други аспекти на поддршката и евентуалното учество во иницијативите поврзани со Украина.
– Во овој период има позитивни најави за можен напредок кон мирно решение. Добро е што се разговара за мир. Тоа е нешто што сите го посакуваме и поддржуваме – рече тој.
.
Извор: plusinfo.mk