
Македонец во Швајцарија со долг од 82.000 евра, но не подигнал кредит – неговите лични податоци биле злоупотребени
46-годишен маж од гостиварско село, кој работи во Швајцарија, пријавил во полиција дека неговите лични податоци биле злоупотребени, откако дознал дека против него се води извршна постапка за долг од над 82.000 евра, иако никогаш не подигнал кредит.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека случајот бил пријавен вчера во 12:30 часот во ОВР Гостивар. Според пријавата, тој при разговор со извршител бил известен дека се води постапка против него како сопственик на фирма, поради долг од 5.085.079 денари кон банка во стечај. Дополнително, биле побарани заложени товарно возило „ман“ и работна машина багер.
Пријавителот појаснил дека никогаш не поседувал фирма ниту механизација и се сомнева дека неговите лични податоци биле искористени со фалсификувана документација при подигнување на кредит.
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
