
ЛИДЛ КУПИ ЗЕМЈИШТЕ ВО КУМАНОВО – Еве каде ќе биде логистичкиот центар
Познатиот трговски ланец „Лидл“ ќе гради логистички центар во индустриска развојна зона во Горно Коњаре кај Куманово.
Нивната компанија во земајва вчера купи земјиште со површина од 17 хектари (170.996м2) за кои ќе плати 5,3 милиони евра.
Информацијата ја обелодени Општина Куманово која информира дека вчера на јавно наддавање продаде земјиште на трговскиот ланец „Лидл“ за изградба на логистички центар.
На јавното наддавање по пат на електронска аукција учестувале 3 компании.
„Најповолен понудувач со највисока понудена цена имаше компанијата ДТМ ЛИДЛ Северна Македонија ДООЕЛ, со седиште во Скопје. Најповолната понуда изнесува 1.906 денари за 1 метар квадратен, или вкупно за 170.996 м2 (~17ха) е 325.920.015 денари (~5,3 милиони евра)“, соопшти општината.
Од таму појаснуваат дека по завршување на административната постапка за избор на најповолен понудувач и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на најповолниот понудувач по што ќе следува реализација на инвестицијата.
Од деталите може да се види дека општина Куманово спроведе постапка за отуѓување на градежно земјиште во сопстевеност по пат на електронско јавно наддавње, со намена Г4-стоваришта и складови на локација во новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре.
Фактор веќе пишуваше дека компанијата „Лидл“ се подготвува за отворање на првите продавници во земјава.
Како што информиравме, неофицијално тие ќе отворат продавница на местото на поранешен „Бриколаж“, која пак се пресели во еден од објектите преку улица, поточно во поранешен објект на „Тинекс“.