
ЛИДЕРИТЕ НА Г7 ПРЕДУПРЕДУВААТ: Ќе се зголемува економската несигурност, еве го нивниот план
Финансиските лидери на земјите од Г7 предупредија денеска, на крајот од тридневниот самит во Нигата, Јапонија, на зголемена глобална економска несигурност, а главни теми беа должничката криза во САД и последиците од рускиот напад врз Украина. како и поддршка за Киев, објави Ројтерс.
Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г7 во неколку точки најавија што конкретно планираат да направат, додава јапонската агенција Kyodo.
“Подготвени сме да преземеме конкретни мерки за да обезбедиме финансиска стабилност, како и да обезбедиме дека постоечкиот финансиски систем ќе остане силен. Нашиот план е да започнеме корисни партнерски иницијативи за синџирите на снабдување до крајот на годината. Исто така, посветени сме на безрезервна поддршка за Украина, но и за давање помош на нејзините соседни земји.Ќе ја спречиме Русија да ги избегне санкциите, ќе го зајакнеме следењето на трансакциите од Москва и другите земји“, се вели во соопштението.
Се додава дека глобалната економија „покажа отпор на голем број шокови, вклучително и пандемијата на Ковид, рускиот напад врз Украина и инфлацијата“.
„Мораме да останеме будни, да бидеме агилни и флексибилни во макроекономската политика поради зголемената неизвесност за глобалната економска ситуација“, додаваат финансиските лидери.
Во соопштението не се споменува должничката криза во САД, која ги погоди светските пазари во време кога трошоците за задолжување пораснаа поради агресивното монетарно стегање од страна на САД и Европската централна банка, додава Ројтерс.
„Јасно е дека проблем во најголемата светска економија ќе има негативно влијание врз сите“, изјави претседателот на Светска банка Дејвид Мелпас за Ројтерс.