Кузмановска: Напредок во трансплантациите, но недостигот од согласност од семејствата останува клучен предизвик
Во изминатите две години направени се значајни чекори во развојот на трансплантациската медицина во земјава, но најголем предизвик и понатаму останува добивањето согласност за донирање органи, истакна Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во емисијата Ноќно студио на 4ТВ.
Кузмановска посочи дека меѓу клучните постигнувања се зајакнувањето на мрежата на болнички координатори и едукацијата на лекарите, особено во интензивната нега, за навремено препознавање на потенцијални донори. Овие обуки се реализираат како во земјата, така и во странство.
Дополнително, проширени се и мултидисциплинарните тимови кои учествуваат во трансплантациите – хирурзи, анестезиолози и интернисти – со цел да се зголеми подготвеноста и квалитетот на процедурите. Како новина, воведена е и кератопластика, односно трансплантација на корнеа.
Само во првите месеци од годината, како што информираше, се препознаени и обработени осум потенцијални донори, а веќе е реализирана и кадаверична трансплантација.
Сепак, најтешкиот момент во процесот останува разговорот со семејствата на починатите пациенти.
„Станува збор за луѓе кои се во длабок емоционален шок. Одлуката за донација е сложен социолошки, психолошки и културолошки процес“, истакна Кузмановска.
Таа објасни дека не секој починат пациент може да биде донор – потребно е да се исполнат строги медицински критериуми, најчесто поврзани со мозочна смрт, која се јавува по тешки повреди, сообраќајни несреќи или мозочни крварења. Во такви случаи, постои краток временски прозорец за одржување на органите и нивна евентуална трансплантација.
Процесот, како што нагласи, е исклучително комплексен и вклучува паралелна евалуација на органите, подготовка на тимови и избор на најсоодветни приматели преку имунолошка типизација.
„Не станува збор само за пресадување орган – тоа е спојување на два биолошки системи кои треба да функционираат како еден“, рече Кузмановска.
Таа додаде дека, доколку се добие согласност од поголем дел од семејствата, бројот на трансплантации би бил значително повисок.
Процесот е строго регулиран и се води преку Министерство за здравство, со евиденција и во системот Мој термин, каде се бележат и согласностите и одбивањата.
Кузмановска потенцираше дека клучна улога има континуираната едукација на јавноста, која се спроведува преку медиумски кампањи, гостувања, како и трибини низ државата, вклучително во Охрид, Битола и Штип, со цел подигнување на свеста за значењето на органодарителството.
„Едукацијата е најважна – само така можеме да ја зголемиме свесноста и да спасиме повеќе животи“, порача Кузмановска.