КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДРАМАТИЧНА БРКОТНИЦА СО ПОЛИЦИЈАТА ВО ЃОРЧЕ Дилери му одзеле пиштол на полицаец, бегале, па се превртеле на автопат
Полицијата поднесе кривични пријави против 3 лица за сторени кривични дела Спречување службено лице во вршење службено дејствие и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Пријавите се за драматичниот настан кој се случи на 7 октомври, кога полицајците требало да уапсат лица за продажба на канабис, но еден од осомничените му го одзел пиштолот, по што настанала голема потера низ Ѓорче Петров, а полицајците пукале во воздух. На крај, осомничените со возилото излетале од патот, по што биле уапсени.
„Во врска со кривично правниот настан, кој се случил на 7.10.2026 година околу 20:25 часот на улицата Црногорска во Скопје, каде при заседа на патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, а по претходно добиени оперативни сознанија дека ќе биде извршено кривично дело по член 215, купопродажба на марихуана, веднаш по добиените информации се преземени соодветни мерки и од страна на полициските службеници даден е знак за запирање на патничкото возило „бмв“. Откако полициските службеници се упатиле кон возилото со цел легитимирање и преглед, возачот го стартувал возилото, при што удрил во бандера и во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана“, соопшти полицијата.
Во тој момент еден од полициските службеници го извадил својот службен пиштол и од совозачката страна на полуотворениот прозорец издал наредба „стој полиција“, се додава во соопштението.
„Притоа од страна на лицето од совозачката страна му бил одземен службениот пиштол, а возачот го стартувал возилото и се дал во бегство. Полициски службеници кои биле поставени во близина, се упатиле по возилото кое со голема брзина се движело по улицата Ѓорче Петров кон автопатот Скопје-Тетово, притоа оглушувајќи се на звучните и светлосни знаци од полициските службеници, а од страна на еден полициски службеник испукани се и три предупредувачки проектили во воздух. Во еден момент возилото „бмв“ удрило во банкина на автопатот и се извртело, по што од возилото излегле возачот П.А.(24) и совозачот Е.П.(21). Лицата се лишени од слобода, пиштолот е одземен, а по извршено пребарување на теренот пронајдена е кеса со марихуана“, соопшти полицијата,
Во координација со ОЈО Скопје од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО денеска (14.10.2026) е поднесена кривична пријава против Е.П. и П.А. за сторено кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од Кривичниот законик и за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, по член 215 од КЗ.
„Против М.Т. за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот поднесена е кривична пријава за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 од КЗ“, се вели во соопштението.
За настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој презема мерки и активности во врска со евентуалните неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај, соопшти полицијата.
.
Извор: plusinfo.mk