
Ковачевски откако стана премиер потрошил 82 илјади евра за промоција на Фејсбук и Инстаграм
Не запира скапата Фејсбук и Инстаграм промоција на премиерот Димитар Ковачевски. Само во последните три месеци СДСМ потрошила 18 илјади евра за да ги рекламира неговите активности на социјалните мрежи. Антикорупционерите не успеаја да откријат дали за објавите на личните профили на Ковачевски се трошеле државни пари оти Владата не соработувала со нив. Откако стана премиер, спонзорираните објави на Димитар Ковачевски достигнаа 82 илјади евра, пишува ИРЛ.
Државната комисија за спречување на корупција за седум месеци не утврди кој ги плаќал скапите кампањи во име на премиерот Димитар Ковачевски. Антикорупционерите се пожалија на нетранспарентност на Владата од каде побарале и не добиле конкретни информации, дали премиерскиот Фејсбук и Инстраграм профил се спонзорирал со пари од буџетот или само со пари од партиската каса на СДСМ. Иако ДКСК се обратиле до кабинетот на премиерот и побарале да им достават конкретни називи на спонзорите кои ги финансираат неговите секојдневни објави, Владата тотално ги игнорирала. Добиле совети од владините службеници, податоци да бараат од Фејсбук и Инстаграм. Но, и да побаараат детали на овие социјални мрежи не може да се види кој ги уплатил парите.
ИРЛ пред седум месеци објави дека за Фејсбук и Инстаграм профилите на премиерот Димитар Ковачевски се потрошени 26 илјади евра. До сега нема објаснување кој ги платил парите за негова промоција и зошто тимот од 36 лица кои се задолжени за неговата комуникациска стратегија и кои земаат плата од државата ги опслужуваат неговите приватни профили каде се споделуваат и партиски содржини.