Ковачевски: Инфлацијата го јаде стандардот, Владата доцни со мерки
Поранешниот премиер и екс-лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати остри критики до актуелната власт, предупредувајќи дека граѓаните веќе се соочуваат со сериозен пад на животниот стандард поради растот на цените и глобалната економска нестабилност.
Ковачевски оцени дека мерките на Владата се задоцнети и недоволни, нагласувајќи дека основните прехранбени производи и енергенсите достигнуваат рекордни нивоа. Според него, инфлацијата најсилно ги погодува најранливите категории граѓани, кај кои храната зазема најголем дел од месечниот буџет.
Тој предупреди дека глобалните конфликти, особено во Украина и на Блискиот Исток, дополнително го зголемуваат економскиот притисок. Поскапувањето на гасот, како што објасни, директно влијае врз цената на ѓубривата и домашното производство, додека транспортните трошоци растат поради геополитичките ризици.
„Македонија е увозно зависна држава и додека траат овие конфликти, ризикот од нови поскапувања ќе остане висок“, истакна Ковачевски.
Поранешниот премиер алармираше и за состојбата со државниот буџет, оценувајќи дека владините мерки создаваат сериозен финансиски товар. Тој пресмета дека тие чинат околу еден милион евра дневно, што може да доведе до ребаланс на буџетот многу порано од вообичаено, како и до кратење на капиталните инвестиции.
Дополнително, Ковачевски посочи на пад на странските директни инвестиции и намалени девизни приливи, што, според него, создава „совршена бура“ за економијата. Тој ја критикуваше и, како што рече, „ПР реториката“ на власта, нагласувајќи дека економските односи во регионот се базираат на пазарни принципи, а не на помош.
Во интервјуто се осврна и на внатрепартиските состојби во СДСМ, посочувајќи дека постои комуникациски јаз околу јавните настапи. „Ги информирав, но никој не ми одговори дали може да дојдам“, рече тој низ шега.
Ковачевски побара итни и таргетирани мерки – директна поддршка за најранливите, помош за малите и средни претпријатија и конкретни чекори за стабилизирање на цените. Без тоа, предупреди, економскиот притисок врз граѓаните ќе продолжи да расте.