
Ковачевски: Ако партии од соседството почнат да учествуваат на избори овде, тогаш замислете што ќе биде…
Премиерот Димитар Ковачевски утрово со коментар за партијата на Албин Курти кој најави дека ќе учествува на изборите во Македонија. Ковачевски вели дека треба да се видат законот за политички партии и законот за избори.
„Вчера видов и јас дека партија од соседството ќе учествувала тука. Треба да се види законот за политички партии, законот за избори. Нормално дека сестрински партии можат да се подджуваат меѓусебе, како ние социјалдемократските партии од соседството и регионот. Меѓутоа моделот за кој зборуваат навистина не можеше да биде јасно препознаен во некоја изјава која беше дадена и затоа треба да биде дообјасено. Бидејќи ако почнат партии од соседството да учествуваат на избори овде тогаш може да замислите што ќе биде ако дојде и од другите соседни држави да учествуваат на избори овде“, изјави Ковачевски утрово во интервју за Слободен печат.
За потсетување, косовската партија Самоопределување на косовскиот премиер, Албин Курти, најави дека ќе биде дел од албанската опозиција на изборите во Македонија.
Вчера на плоштадот „Скендербег“, Европскиот Сојуз за Промена ја отвори заедничката канцеларија на коалицијата. На отварањето учествуваа претседателите на трите партии: Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење, каде им се приклучи Движењето Самоопределување од Косово, со нејзиниот претставник Беким Ќоку, кој му е советник на Курти
Изет Меџити меѓудругото истакна: „Ме радува фактот дека на овој убав сончев ден, во нашиот опозициски фронт се приклучи и Движењето Самоопределување, и дека после промената во Косово и во Прешевска долина, заедно ќе ја носиме долгоочекуваната промене и кај Албанците во Северна Македонија.“
Билал Касами пред присутните изјави: „Нашата Влада ќе биде поинаку, како што сме денес во оваа канцеларија во доста фреквентно место, меѓу вас, вака заедно со вас ќе го правиме и владеењето, одејќи кај граѓаните за да сме поблиску до нив и да ги решиме нивните грижи и потреби“.
Африм Гаши додаде: „Добродојдовте на отварањето на оваа канцеларија во срцето на Чаршијата, секоја темна ноќ има и зора, секоја студена зима ја очекува пролетта, и тука кај нас на 8 Мај и дефинитивно ќе доаѓа албанската пролет и сите заедно во оваа канцеларија ќе ја прославиме големата победа“
Беким Ќоку, советник на Премиерот Албин Курти меѓу другото кажа: „Движењето Самоопределување станува четвртиот столб на овој опозициски фронт за да ја донесе долгоочекуваната промена во Северна Македонија. Тука денес се обраќам и како поранешен член на Алијансата за Албанците, знаејќи го духот и менталитетот на оваа партија, ги повикувам да бидат дел од оваа победничка коалиција за заеднички да ја направиме големата промена.“
Инаку, оваа канцеларија ќе биде отворена за сите граѓани и ќе служи како центар за организација на активности на Европскиот Сојуз за Промена, беше најавено на настанот.
