
Косовска уметница ги наслика Вучиќ и Курти како се бакнуваат за што доби лавина навреди
Уметница од Косово ги насликала српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти како се бакнуваат, за што добила закани, но и пофалби.
Ермира Мурати има 22 години и пораснала во Косово. Сликата стана популарна низ целиот Балкан, објави BBC.
„Поминаа 23 години од војната во Косово и 15 години од прогласувањето независност, но и двете земји се уште се заглавени во политички процеси од кои губат граѓаните и од двете страни“, изјави Мурати за Би-Би-Си на српски јазик.
Рече дека сликата е објавена на 17 февруари, денот на независноста на Косово и таа всушност е критика и за двајцата политички лидери.
„Добив еднакви навреди и закани и од Албанци и од Срби, затоа што се работи за бакнување на двајца мажи, иако пораката е всушност политичка“, вели Мурати, која своето дело го објавува под псевдонимот Портокалова девојка.
Но, девојката рече и дека имало и пофални од Срби и Албанци. Меѓу Косово и Србија последниве месеци имаше многу тензии. Вучиќ и Курти вчера имаа средба со цел да се нормализираат односите на релација Белград – Приштина.
фото BBC

