
Комунална хигиена со реакција до Ѓорѓиевски: Срамота е да си градоначалник, а да немаш основно познавање на функционирањето на институциите
Од ЈП Комунална Хигиена Скопје денеска испратија реакција по повод прес конференцијата на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Во отсуство на поелоквентен израз на комичната прес-конференција на градоначалникот на општина Кисела Вода, сакаме да го информираме – иако не сме сигурни дали ќе успее да разбере – дека со две камиончиња од по 800 килограми носивост, на ниту еден начин не помогнал во справувањето со кризата која ја предизвикаа токму тој и неговите партиски пријатели за што имаме и докази. Срамота е да си градоначалник, а да немаш основно познавање на функционирањето на институциите“, велат од таму.
Тие додаваат дека за два дена во Скопје се собрани 1.130 тони отпад кој бил наталожен поради дводневната блокада на КХС, која имаше за цел да изврши притисок врз раководството на претпријатието за задржување на семејни кланови кои одработуваат за интересите на политичката банда на која овој градоначалник припаѓа.
„Што се однесува на прашањето, зошто 11 месеци се чекало за да се изречат решенија за отказ, еве една кратка лекција: За разлика од бандитското однесување на кое сме сведоци три децении во институциите, ние спроведовме детална анализа како и ревизија пред да ги донесеме овие решенија. Поднесени се и кривични пријави, и испочитувана е цела постапка со цел во иднина овие луѓе да не можат повторно да наштетуваат на претпријатието и граѓаните на град Скопје. Жалиме што мораме да констатираме, но, овој пат се преигравте“, додаваат од таму.