Колку заработија „Штрабаг“ и „Ѓулермак“ лани за изградба на пругата кон Бугарија?
Австриски „Штрабаг“ и турскиот „Ѓулермак“ минатата година за помалку од шест месеци заработиле вкупно 45 милиони евра од изградбата на железничката пруга кон границата со Бугарија во рамки на Коридор 8.
Овие средства им биле исплатени на странските компании авансно, покажува финансискиот план за оваа година на јавното претпријатие Железници – Инфраструктура, откако со двата нови изведувачи беа потпишани договори во јули 2022 за железничко поврзување со Бугарија.
„Штрабаг“ за реконструкција на делницата од Куманово до Бељаковци наплатил 2,316 милијарди денари минатата година авансно, или тоа би било нешто помалку од 38 милиони евра.
Оваа фаза, според Железници – Инфраструктура, е 70 отсто готова и се очекува да биде завршена во 2024. Изградбата ја финансира Европската банка за обнова и развој. Оваа и наредната година се очекува „Штрабаг“ да наплати уште околу 37 милиони евра.
Изградбата на делницата Бељаковци – Крива Паланка е сосема друг предизвик, а за тоа „Ѓулермак“ лани авансно наплатил 476 милиони денари, или тоа би било 7,8 милиони евра.
Но оваа фаза има уште многу работа и за неа ќе бидат потребни во наредните години 155 милиони евра, а финансирањето треба да биде од неколку меѓународни кредитори. Треба да се изградат 15 тунели, 29 мостови, како и надвозници и подвозници.
Австриската компанија „Штрабаг“ (Strabag AG) е избрана за да ја гради пругата од Куманово до Бељаковце, додека турски „Ѓулермак“ (Gülermak) ја изведува втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија. Договорот за изведба на двете фази од пругата кон Бугарија беше потпишан во јули во Владата.
Изградбата на пругата кон Бугарија по двегодишен застој продолжи лани во септември.
А.К.