Кои скопски хотели прават профит од 2,6 милиони евра за девет месеци?
Годинава за прв пат во последниве пет години оперативната добивка на хотелите на „Македонијатурис“ конкурира на финансиските приходи од нејзините краткорочни вложувања во акции, депозити и удели во инвестициски фондови. Ова значи дека по пет години компанијата конечно ги зголеми приходите од кор дејноста (особено по реновирањето на „Холидеј Ин“) да можат да парираат на финансиските приходи
„Македонијатурист“ во првите девет месеци годинава го подобрила своето работење за 29 отсто во споредба со истиот период лани. Нејзните активни хотели (вкупно 4) за периодот јануари – септември инкасирале 5 милиони евра од продажба на угостителски и хотелиерски услуги. Приходите од продажба на „Македонијатурист“ годинава се за 1,1 милиони евра повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот биланс на успех што компанијата го објави неодамна.
Во овој период оперативните расходи на компанијата изнесуваат 3,74 милиони евра. Најголема расходна ставка се трошоците за вработени кои се повисоки за 16 отсто од истиот период лани и изнесуваат 1,3 милиони евра за девет месеци. Втора најголема ставка во структурата на трошоците е амортизацијата и таа изнесува 1 милион евра за девет месеци. Трошоците за суровини и материјали се речиси идентични како и лани и изнесуваат нешто над 800.000 евра.
Оперативната добивка на „Македонијатурист“ годинава е подобрена значајно во споредба со истиот период во 2023 година. Поточно оперативната добивка е зголемена за повеќе од 3 пати во споредба со лани и годинава таа изнесува 1,45 милиони евра.
Годинава за прв пат по период од пет години оперативната добивка на хотелите на „Македонијатурист“ како извор на добивка конкурира на финансиските приходи на таа компанија. Како што сме пишувале повеќе пати досега најсилен адут на „Македонијатурист“ е нејзиното ликвидно богатство односно приходите што ги има (дивиденди и камати) од нејзините краткорочни вложувања.
Годинава досега тие приходи изнесуваат 1,3 милиони евра. Значајно учество во тие приходи има дивидендата од акциите што „Македонијатурист“ ги поседува во „Комерцијална банка“. Истотака компанијата поседува и удели во инвестициски фондови, но чува пари и во депозити во банки и од тоа добива камати.
Вкупната нето добивка за девет месеци е 2,6 милиони евра. Во однос на лани резултатот односно добивката е удвоена.
Според последниот биланс на состојба „Македонијатурист“ има краткорочни вложувања во износ поголем од 22 милиони евра.
Хотелиерската компанија во последно време беше многу актуелна по продажбата на акции. Имено од тоа што се случи во последниве четири месеци таму сопственост сменија над 35 отсто од сите акции со право на глас. Се започна со продажбата на акциите што ги поседуваше композиторот Григор Копров пролетта (нешто помалку од 5% н.з.), а заврши со продажбата на акциите на Соња Бибановска, поранешна директорка која поседуваше над 11% и уште неколку помали акционери кои контролираа над 6 отсто од гласачките права.
Цената по која се тргуваа тие акции се движеше од 6.000 до 11.000 денари, а изненадувачки беше тоа што највисоката цена на акцијата беше постигната во блок трансакција, а не во класично тргување.
Р.Ф.