
Касами: Владата ја нема поддршка од опозициските пратеници Албанци за уставни измени
Претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами изјави дека Владата на СДСМ-ДУИ за уставните измени нема да ја има поддршката ниту од албанските пратеници од редовите на опозицијата.
Касами во интервју за ТВ КОХА нагласи дека причината за тоа е затоа што Владата не го прифатила барањето на албанците да се отстране 20 отсто за албанскиот јазик од Уставот.
„Ние јавно кажавме дека сме „за“ уставните измени, но исто така отворено и гласно кажавме дека во овие уставни измени треба да има и унапредување на албанското прашање, како оние 20 отсто што секој албанец го гледа неприфатлива дефиниција и бараме наместо 20% да биде дефиниција за нашиот убав албански јазик“, изјавил Касами во интервјуто за ТВ КОХА.
Претседателот на Движењето БЕСА додаде дека со самото тоа што Владата не го вклучила во процедура барањето на пратениците на албанската опозиција наместо 20 отсто да биде албанскиот јазик, тие оценуваат дека Владата не ги сака гласовите на албанската опозиција.
