
ИЗМАМА ВО ТЕТОВО: Платила 3.000 евра за работна виза за Германија – „посредникот“ ги зел парите и исчезнал
Нов случај на измама за заминување на работа во странство е регистриран во тетовскиот регион. 32-годишна жена пријавила во полиција дека останала покуса за 3.000 евра откако поверувала на лажни ветувања за посредување при вадење на германска работна виза.
Според пријавата поднесена вчеравечер во СВР Тетово, измамата започнала уште минатата година. Жената постигнала договор со лице, исто така од Тетово, кое се претставило како посредник што може да ѝ обезбеди работна виза за заминување во Германија.
Довербата ја чинела скапо, бидејќи договорената сума му ја исплатила на неколку наврати.
Откако поминало подолго време, а ветената виза не била обезбедена, оштетената сфатила дека е измамена и се обидела да си ги врати средствата.
Од Секторот за внатрешни работи Тетово информираат дека полицијата веќе работи на случајот и се преземаат соодветни мерки за негово целосно расчистување и лоцирање на измамникот.
