Излезните анкети во Израел: Нетанјаху без мнозинство, опозицијата се обидува да му ја преземе власта!
Израел се соочува со неизвесна политичка ситуација по парламентарните избори, откако излезните анкети покажаа дека ниту еден од двата главни политички блока засега нема доволно пратеници за самостојно формирање влада.
Според проекциите објавени од израелските телевизиски мрежи, блокот предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху се очекува да освои околу 50 пратенички места, додека опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот би можел да добие 52 до 53 места. Арапските партии, според истите проекции, би можеле да освојат 17 до 18 пратенички места.
За формирање влада во израелскиот парламент, Кнесетот, кој има вкупно 120 пратеници, потребна е поддршка од најмалку 61 пратеник. Тоа значи дека и Нетанјаху и опозицијата ќе мора да бараат дополнителна поддршка за да обезбедат мнозинство.
Иако опозицискиот блок има предност во проекциите, неговиот пат до власта останува неизвесен. Арапските партии би можеле да имаат значајна улога во парламентарните преговори, но нивното евентуално учество во формирањето влада останува отворено прашање.
Резултатите од излезните анкети сè уште не се конечни и може да се разликуваат од официјалните резултати. Конечниот исход ќе зависи од официјалното пребројување на гласовите и од преговорите за формирање парламентарно мнозинство./Novina