
Интегрален говор на мандатарот Талат Џафери: Не е важно што Владата е техничка, одговорно ќе работам
При приемот на мандатот за формирање на преодната Влада за спроведување на изборите за пратеници од Претседателот Пендаровски, истакнав дека го прифаќам мандатот со задоволство и полна одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, Владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги водам на соодветен начин политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека предлогот што денес се наоѓа пред вас ќе биде соодветниот состав кој ќе ги исполни очекувањата на актуелната ситуација и над се, со одговорност кон граѓаните.
Овој состав на Владата го предлагам врз основа на меѓусебниот политички договор помеѓу лидерите на најголемите политички парламентарни партии во Собранието на Република Северна Македонија, што се одржа на 4 декември 2023 година, и каде се дефинираше рокот за одржување на редовните претседателски избори на 24 април и 8 мај и на редовните парламентарни избори на 8 мај 2024 година и се донесе одлука за формирање на преодна Влада на Република Северна Македонија.
Иако може да се нарекува преодна Влада чиј што прв приоритет ќе биде одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, сакам да го нагласам следново:
– За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна Влада! Јас, оваа должност, оваа доверба, чест и над сѐ, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе и пристапам онака како што сум постапувал во секоја етапа и при секој предизвик кој што се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија.
Имајќи предвид дека оваа Влада е предлог по преговорите на политичките партии, и е продолжение на претходната Влада која работеше со усвоена Програма за работа на Владата 2022-2024, јас и Владата што ја предводам се обврзуваме да продолжиме со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики. Владата на Република Северна Македонија има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби дефинирани на јасен и консензуален начин за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО Сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани. Работата на Владата ќе се заснова врз овие начела:
✔ Целосно почитување на Уставот и законите на Република Северна Македонија
✔ Подготовка и успешно спроведување на редовните слободни, фер, демократски и конкурентни претседателски и парламентарни избори со највисоките стандарди на Европската Унија, на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа
✔ Континуитет во спроведување на успешните Владини политики и програми во 2024 година
✔ Одржување на висок степен на дијалог, отвореност, отчетност и инклузивност во својата работа и комуникација со сите институции и граѓаните
✔ Одржување и унапредување на стратешкото партнерство на Република Северна Македонија со Европската Унија, НАТО Алијансата и Соединетите Американски Држави
✔ Целосно спроведување на принципите и одлуките од Договорите важни за меѓу-етничките односи, внатрешната кохезија и стабилност и успешна евро-атлантска интеграција
За да биде доследна на овие начела, Владата на Република Северна Македонија, во периодот до изборот на идната политичка Влада, ќе се фокусира на своите конкретни стратешки и државни приоритети кои ќе ги елаборирам накратко, затоа што истите ги имате во пишана и подетална форма во самата Програма за работа.
Во однос на врвниот приоритет на Владата, а тоа е подготовката и организирањето на слободни, фер и демократски редовни во директна, отворена и законита процедура и соработка со Собранието, Државната изборна комисија и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Европската Унија и САД, ќе ги спроведе сите законски, институционални, организациски и оперативни предуслови за спроведување на јасната волја на граѓаните, со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните.
Што се однесува на членството во Европската Унија и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори.
Меѓу нив се обврските што произлегуваат од одржаните билатерални скрининг состаноци, од извештајот на Европската Комисија од скринингот за Кластер 1, како и за другите кластери кои се во процес на подготовка. Тука спаѓа и Патоказот за реформи во јавната администрација и за поглавјата за владеење на правото со Акциски план, и за подготовка на Патоказот за функционирање на демократските институции, се до нивно финализирање.