
ИМААТ И ЗАГУБИ, АМА ИМААТ И ГОЛЕМИ ДОЛГОВИ – водат „железниците“ со огромни обврски, многу должат и енергетските и здравствените државни институиции
Вчера објавивме со какви загуби на државните
јавни претпријатија и акционерски друштва ќе се соочи новата Влада, а денеска
уште една серија интересни податоци, имено, колкави се долговите, односно
доспеаните, а неплатени обврски на државните институции.
Податоците ги
објавува Министерството за финансии, а се однесуваат на првиот квартал од
годинава.
Веќе не е ни вест дека прв најголем државен
борчлија е МЖ Транспорт, чии неплатен долг на крајот на март годинава достигна
близу 66 милиони евра, или прецизно, 65,8 милиони. Веќе е излишно и да се
дебатира колку ова ЈП има лош финансиски резултат во своето рабпотење. Па, ако
должи 66 милиони евра, вреди да се спомене и дека за првиот квартал од
годинава, влегло во загуба од 1,5 милиони евра, за која не е извесно како ќе се
покрива, но најверојатно со буџетски средства.
МЖ Инфраструктура како и вообичаено се втори
на листата најголеми државни должници, па во првиот квартал имаат неплатени
обврски од над 41 милиони евра. Тие во првиот квартал имаат и огромна загуба од
2,34 милиони евра.
Трети државен должник е ЕСМ за дистрибуција
на топлина, една од трите фирми на ЕСМ кои го презедоа обезбедувањето со
парнио на скопјани, а чии долг во првиот квартал е 32,5 милиони евра.
Следува Јавна установа од областа на здравството
за потребите на ЈЗУ Универзитетски клиники, завод и ургентен
центар, со неплатени а доспеани обврскли од близу 22 милиони евра.
ЈП за државни патишта е голем должник, што е нејасно,
бидејќи работи позитивно, има добра наплата и добри добивки. Па така, ова ЈП за
првиот квартал од годинава има неплатен долг од нешто повеќе од 20 милиони
евра. А, барем за нив е добро што ќе има од каде да ги плаќаат обврските,
бидејќи во првиот квартал работеле доста позитивно и прикажале солидна добивка
од 3,5 милиони евра, што ги прави „лидери“ во висината на позитивниот
финансиски резултат.
АД Елем, односно по ново ЕСМ, и на оваа листа
е со неславни бројки и е на шесто место по највисок долг. Државните
електрани имаат доспеани, а неплатени обврски од 15,5 милиони евра, што воопшто
не е мала сума. А, тие се први на листата на државни загубари, со негативен
финансиски резултат од близу 39 милиони евбра во првиот квартал од годинава.
АД Номагас има долг од 13,4 милиони евра, ЈП
Водовод и канализација должи 12,8 милиони евра, а уште една фирма на ЕСМ, за
снабдување со топлинска енергија, има неплатен долг од 11,7 милиони евра.
Голем должник е и ЈЗУ Универзитетска клиника
за онкологија и радиотерапија, со борч од 10,6 милиони евра.
И, иако не е во „топ
10-те“, туку е на 11 место, треба да се спомене дека ЕСМ за производство на
топлинска енергија, третата фирма на ЕСМ за парното, должи близу 10 милиони
евра.
Н.Н.Ф.