
Храброста на баба Росанка од Челопек: „Ме гушеше за да не викам, но не се давав“ – еве како го преживеала нападот!
Додека полицијата и обвинителството истражуваат дали во овој регион се крие сериски убиец, 85-годишната Росанка од село Челопек пред камерата на Сител го опиша ужасот што го преживеала кога во нејзиниот дом упаднал насилникот кој се сомничи за убиство на нејзина сосетка.
Во мирното село Челопек, на само 500 метри над главниот пат, се наоѓа домот на баба Росанка. Оваа 85-годишна жена е една од ретките која успеала да му погледне во очи на 25-годишниот насилник и да остане жива за да раскаже.
Кошмарот започнал минатиот понеделник, околу 14 часот попладне. Додека бабата мирно седела во својот дом, непознато лице ненадејно упаднало внатре и без збор почнало да ја напаѓа.
„Ми фрли ќебе преку глава. Викам – кој е овој? Не збори ништо, само почна да ме удира. Прво ме фати за гуша, силно, за да не можам да викам“, раскажува низ солзи баба Росанка, покажувајќи ги трагите од ударите по лицето.
Иако во длабока старост, таа не се предала. Се борела со насилникот додека тој ја пребарувал по телото и низ собата, најверојатно барајќи пари, иако во ниту еден момент не проговорил ниту побарал нешто со зборови.
Потресното сведоштво на Росанка ја открива суровоста на напаѓачот. Таа вели дека во моментите на нападот не можела да поверува дека некој на таква возраст би се обидел да изврши такво свирепо насилство врз неа.
„Дојдов малку до здив и си велам – Боже, која е оваа будала? 85 години имам… што сака од мене?“, вели таа за моментите кога напаѓачот се обидел и сексуално да ја нападне пред да избега од куќата.
Нападот врз баба Росанка се случил само неколку дена пред во истото село да биде пронајдено безживотното тело на друга, 78-годишна жена, за чие убиство веќе е приведен 25-годишен жител на соседното село Драгоманце.
Локалното население е во паника. Тие се сомневаат дека баба Росанка е само една од многуте жртви на истиот насилник и дека само нејзината упорност и среќен сплет на околности ја спасиле од најцрното сценарио. Обвинителството сега истражува дали овие случаи се поврзани и дали станува збор за серија свирепи напади врз немоќни и стари жени во овој регион.
