
ХОТЕЛИТЕ КАКО ЗЛАТНА КОКОШКА, ЈАГМА ЗА АКЦИИТЕ НА „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ – кој вчера плати 300 илјади евра за акции на компанијата
Не стивнува интересот за купување акции на „Македонијатурист“, една од најуспешните хотелиерски компании во земјава.
Вчера на Берзата помина солидна блок трансакција на вкупна сума од близу 300 илјади евра, или прецизно, 294 илјади евра.
На блокот биле продадени 2.871 акција, по цена од 6.300 денари за акција, или вкупната вредност на оваа зделка е нешто над 294 илјади евра.
За да се види кој ги купил овие акции ќе треба да се почека наредниот понеделник, кога Централниот депозитар за хартии од вредност ќе ги ревидира сопственичките структури во компаниите, па ќе се знае кој го зголемил својот акционерски пакет, доколку тој е над 5 отсто. Или, пак, самата компанија, во духот на транспарентноста, ќе објави побрзо кој е купувачот на акциите.
А, блок трансакции имаше и во петокот минатата недела, кога во два наврати вкупно за познат купувач беа продадени акции за вкупна сума од над 70 илјади евра.
Тогаш поминаа на два пати по 333 акции, по цена повисока од вчерашната, односно по 6.500 денари за акција.
Според последната вчерашна состојба на ЦДХВ, Доне Таневски го поседува пакетот од 21,5 отсто од акциите на компанијата, и со тоа тој е најголем поединечен акционер, Соња Бибановска има 11,27 отсто, пензискиот фонд „Сава“ располага со 8,8 отсто и самата компанија има 10 отсто сопствени акции.
Како што веќе пишувавме, Доне Таневски, поранешниот долгогодишен директор и сегашен претседател на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“, неодамна го зајакна својот акционерски пакет во ова хотелиерско акционерско друштво. Односно, објавивме дека тој е купувачот на двата пакети акции кои исто така поминаа преку блок трансакции на Македонската берза, откако, пак, претходно тој располагаше со 19,59 отсто од капиталот.
Инаку, компанијата неодамна објави дека почнува со поделба на дивиденда.
Нето добивката на компанијата лани изнесува 1,57 милиони евра што е за три пати подобро од претходната година.
„Македонијатурист“ е најголемата хотелиерскла компанија во земјава и својата дејност таа ја врши со хотелите: „Холидеј Ин“, „Бест вестерн“, „Белви“, „Карпош“ и „Турист“.
Н.Н.Ф.
