
Хабиб: И Кинг Конг ако спушти килажа до 70кг – донесете ни го!
Махачев утрово синоќа дозна дека на 21 октомври ќе се бори со Александар Волкановски, наместо со Бразилецот Чарлс Оливеира, како што беше планирано. Оливеира заработи гадна расекотина на десната аркада и нема да може да се бори, па УФЦ му даде шанса на Австралиецот со македонски татко, а овој прифати.
Во светот на ММА и воопшто во боречките спортови, промена на противникот на 11 дена во борбата не е мала работа, бидејќи се менува и тактиката, но тоа очигледно не важи за Ислам Махачев и неговиот славен тренер и братучед Хабиб Нурмагомедов. Колку се уверени во неговата доминација говори денешната изјава на Хабиб.
„Ислам е светски шампион во моментов. Ако некој успее да симне килажа до 70 килограми и УФЦ рече овој е претендент – не е важно. Не е важно кој е. Брате, Кинг Конг ако може да спушти до 70 килограми – донесете го“, рече Хабиб.
„И него ќе го смачкам“, се уфрли Ислам во разговорот смеејќи се.
„Тоа му го кажав и на Ислам утрово. Ти се светски шампион, не е важно дали ќе ти го донесат Волк, Оливеира, Порие, Гејчи… Требаше да биде Оливеира, но тој се повлече, а и онака веќе го победивме, па не е важно. Ако го сакаат Волк повторно…првата борба беше многу добра, компетитивна, но и ние знаеме и тие знаат дека Ислам победи со едногласна одлука. Да, Волк изгледаше добро, но загуби и тој го знае тоа, тоа го знае и целиот свет. Ислам веќе е, речиси, на потребната килажа. Имаме уште пет напорни дена тренирање и подготвени сме за Абу Даби“, дополни Хабиб.
Ислам Махачев ги победи по еднаш и Чарлс Оливеира и Алекс Волкановски, со тоа што борбата против Волкановски одекна гласно во светот и наиде на поделени реакции околу точноста на одлуката за триумф на Махачев. Тогаш Хабиб не беше во неговиот агол, што се смета за голем хендикеп за Ислам. Сега ќе биде и затоа овој реванш е уште попривлечна борба и од првично планираната Махачев-Оливеира, иако борците немаат многу време за подготовка. Таа ќе се случи на 21 октомври, во Абу Даби.