
Гвардиола: Изгледав што требаше да изгледам од Интер – имам план за утре!
На денешната прес-конференција, пред утрешното финале во Истанбул (21ч.), Гвардиола не сакаше да влезе во „стапицата“ и да се нарече себеси фаворит, но потврди дека има план како да го совлада Интер,
„Знаеме колку е важно ова натпреварување. Не можам да контролирам што мислат луѓето за нас, само се фокусирам на тоа што треба да го направам. Изгледав сè што можев да изгледам од Интер за да видам што треба да правиме. На крај, ова е фудбал. Тимот кој ќе одигра подобро во 95 минути ќе победи. Низ историјата Интер е поголем тим од нас, но тоа не е важно. Важното е утре во Истанбул да одиграме најдобро што можеме“, изјави Гвардиола.
Неизбежно беше да го прашаат дали ја научил лекцијата од пред две години, кога исто така располагаше со силен тим, он загуби од Челси (0-1).
„Би сакал да ви ја кажам лекцијата, но не ја знам. Сега е различен натпревар, две години подоцна, различни фудбалери. Пред две сезони, планиравме да одиграме добар меч со Челси и тоа не ни успеа, па луѓето ќе речеат одлуките беа погрешни. За утре имам план и ги споделив идеите со играчите. Ако оствариме успех ќе бидеме добри. Подготвени сме, играчите ќе дадат сè и ќе го почитуваат противникот“, дополни популарниот Пеп.
На крајот на денот, ова е пехарот кој му недостасува, откако дојде во Манчестер сити во 2016 година. Освои пет титули во Премиерлигата, четири во Лига-купот, три Комјунити Шилдс и два во ФА-купот, но никогаш ЛШ. Трофејот со „големи уши“ почна да важи за негова опсесија, но тој објасни дипломатски.
„Апсолутно е сон. Да постигнете нешто, секогаш треба да ја имате точната доза на опсесија, желба. Опсесијата е позитивен збор, но ова е сон за нас“, одговори Пеп.
