
Грозданов: Изградбата на рудниците е прашање на иднината од кое зависи економската стабилност
„Изградбата на нови рударски капацитети во Македонија е прашање на иднината кое надминува еден политички мандат на Собрание, Влада, Претседател на Републиката, Градоначалници и Локални Совети“, напиша во последната колумна „Циркуларна економија, модерни технологии и рударство“, металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов. Тој додаде дека ова прашање не смее да се става во контекст на дневно политичка агенда и предизборни калкулации. Според него, долгорочната економска стабилност на државата зависи од правецот кој ќе се фати токму по прашањето на индустријализацијата. Тој во колумната се осврна и на телевизиското гостување на дел од т.н. „еко-активисти“ кои се против отворањето на рудникот за бакар во Иловица, а за кои уште претходно има истакнато дека се служат со лаги и манипулации.
-На една телевизија се случи емисија која наводно се грижи за екологијата на која се изнесоа еден куп навреди кон научниците и еден куп невистини како дел од стратегијата за дискредитација и ширење неоснована паника, страв и омаловажување на сите кои мислат поинаку. Ценетите колеги од оваа ТВ знаат дека јас ги познавам сите медиумски правила и дека водителите и гостинот, а сите се актери, ја ставија истава телевизија во неповолна положба. Бидејки копродукција е продукција на самата ТВ и истата радиодифузна организација понесува целосна одговорност за екскурзиите на надворешната продукција. Еве дел од репертоарот на навреди и манипулации. Замислете, тие кои подржуваат отворање рудници биле на психотропни супстанци, пишува Грозданов.
Аналитичарот смета дека ваквите тези се обид за привлекување внимание, како и знак на слабост и недостаток на аргументи.
-Но, бидејќи јас сум навикнат на вакви глупости не сум потресен, но клучната дилема е дали водителот на емисијата е свесен кого се’ стави во категорија – наркомани. Така на пример еден од поддржувачите на изградба нови рударски комплекси е и Проф. Др. Александар Димитров. Во два мандата Декан на Технолошко-металуршки факултет и Раководител на Институтот за екстрактивна металургија. Ученик на научниците по физичка хемија Светомир Хаџи Јорданов, Тома Грчев и Љупчо Арсов, а овие пак ученици на Панче Кирков. Последниов на времето е најскапо платениот научник по Физичка Хемија во СФР Југославија. Проф. Др. Димитров и тимот од институтот за екстрактивна металургија се најгласните во делот за индустријализација на Македонија, во кое предничи отворање рудници, со најмодерна достапна технологија за комплетна грижа на животната средина, зачувување на металот во Македонија, да се изврши комплетна завршна обработка овде и Македонија да осигура економски промет од 70 милијарди евра. Ако овој човек, општественик, научник според критериумите на водителот е наркоман, тогаш каква етикета заслужуваат некои наши ценети актери, чиј автомобил им пливаше во реката Вардар или самите раскажуваат за своите мултидимензионални зависности, оценува Грозданов.
Тој додава дека нивното актерство исклучително го цени, но е крајно време да се почне да се внимава што се пласира во јавност.
-Не значи ако сте добиле грант за еколошка емисија дека треба да се докажувате колку наводно ја браните животната средина (која во меѓувреме е само нечија тезга) со вакви приземни и недостојни квалификации, заклучува Грозданов.
