
ГРАНИТ ЈА ПОТВРДИ ЗДЕЛКАТА ЗА АВТОПАТОТ КАЈ БЛАЦЕ – за докомплетирање на автопатот А4 има договор од 10 милиони евра
Гранит ја потврди зделката со Јавното претпријатие за државни патишта за „докомплетирање и отстранување на недостатоците“ на првата фаза од автопатот од граничниот премин Блаце до селото Блаце, во должина од два километри, за која веќе пишуваше Фактор.
Таа информација нашата најголема градежна компанија ја потврди преку Македонската берза до инвеститорската јавност.
Во информацијата стои дека зделката тежи над 588 милиони денари, или близу 10 милиони евра, односно прецизно 9,7 милиони евра.
„Согласно член 33 од Правилата за котација
известуваме дека ГД Гранит АД Скопје на ден 24.01.2023 година склучи договор со
Јавно претпријатие за државни патишта за Докомплетирање на изградба на автопат
А4, делница ГП “Блаце” – Скопје (клучка “Стенковец”),
подделница 1 – проширување на постоен пат А4 од ГП “Блаце” до с.
Блаце до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување
со локален пат до с. Блаце во вкупен износ од 598.399.811 денари без ДДВ“, се вели во известувањето кое Гранит го дава како ценовно чувствителна информација до Берзата.
Како што објави Фактор, „Гранит“ веќе доби еден договор за изградба на оваа фаза од автопатот од коридор 10 со кој Скопје треба да се поврзе со македонско-косовската граница и изнесуваше 14,3 милиони евра со рок на изведба до август 2021.
Инаку, во новиот договор кој ЈП за државни патишта го објави на системот за јавни набавки, се вклучени земјени градежни работи, заштита на косини, осветлување, инсталациони работи, бетонирање и армирање, врзување на карпа итн. Рокот на договорот е 36 месеци со можност за негово намалување или продолжување.