
Град Скопје: Како ќе функционира Комунална хигиена во следните 5 дена прашајте го премиерот Мицкоски кој лично од својот кабинет го наредува овој хаос!
Град Скопје преку Одделението за односи со јавност испрати соопштение во кое остро реагира на, како што наведуваат, „директното вмешување на премиерот Христијан Мицкоски“ во работењето на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Од Градот обвинуваат дека хаосот во претпријатието е резултат на лични наредби од кабинетот на премиерот, и дека истиот го најавил како „интересна разврска“ на своја прес-конференција пред да се случат промените.
„Како ќе функционира ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје во следните пет дена, прашајте го премиерот Мицкоски, кој лично го наредува овој хаос,“ се наведува во соопштението.
Градот го повикува премиерот да го ангажира Управниот одбор на претпријатието, со оглед дека, како што тврдат, претседателката на Управниот одбор доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и има две кривични пресуди од 2006 и 2022 година.
„Премиерот Мицкоски треба да го повика Управниот одбор согласно член 24а став 2 и став 3 од Законот за јавни претпријатија, доколку донел одлука за разрешување на директорот, да именува вршител на должност,“ стои во реакцијата.
Од Град Скопје обвинуваат дека премиерот „со режимско и диктаторско владеење преку управните одбори и институциите врши притисок и репресија пред избори“.
Во соопштението се поставуваат и неколку прашања до премиерот:
Дали е приведен директорот на ЈКП Тетово за еколошката хаварија со отпадот во Вардар?
Дали е приведен директорот на ЈКП Гази Баба за отпадот фрлан сред природа во Јурумлери?
Дали е приведен директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово за, како што наведуваат, секојдневното загадување со отпад во градот?
„Или таму режимскиот диктатор Мицкоски не дал наредба да се апси?“ се вели во завршницата на соопштението на Град Скопје.
