
ФОТО+ВИДЕО Се уште горат 5 илјади метри квадратни дива депонија позади хотелот Александар Палас
Пожарот на дивата депонија позади хотелот Александар Палас и попладнево се уште е активен. На терен се екипи од пожарна, полиција и јавни претпријатија од Град Скопје, но сувата вегетација и ветерот се проблем за локализирање на пожарот.
Густ црн чад од рано утрово се издига од позади хотелот Александар Палас. Од Центарот за управување со кризи информираат дека станува збор за дива депонија која се протега на над 5 илјади метри квадратни.
„Добивме информација дека во 10.36 часот пријавен е пожар на кеј на реката вардар зад хотелот Александар Палас. Станува збор за запалена дива депонија на површина од околу 5.000 м2. Во гасење на истиот БППЗ учествува со 5 возила и 10 пожарникари. На лице место во гасење на истиот учествуваат и 2 цистерни од ЈП Комунална Хигиена како и механизација од Општина Карпош“, велат од Центарот за управување со кризи.
Последните информации се дека пожарот е ставен под контрола и нема опасност од негово проширување.
„Во моментов се догаснува внатрешно, поради големата количина на ѓубре на дадената депонија“, додаваат од ЦУК.
Инаку едно од ветувањата во предизборната кампања на актуелната градоначалничка Данела Арсовска беше дека ќе ги исчисти сите диви депонии во Скопје. Подоцна се пофали дека ги исчистила, но ако беа исчистени денеска ќе немаше што да гори.