
ФОТО Претседателката се сретна со новиот папа Лав XIV
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска, во рамки на посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители, имаше аудиенција кај папата Лав 14., јави известувачот на МИА.
По завршувањето на аудиенција, претседателката Сиљановска – Давкова во Апостолската библиотека на Папата му ги претстави членовите на македонската државно-црковна делегација, каде што разменија и пригодни подароци.
Во оваа прилика, претседателката Сиљановска – Давкова на папата Лав 14. му подари Длабока резба со мотив „Гроздови“.
Резбата е во изработка од дабово дрво, со мотиви од овошје и животни кои ги краселе македонските манастири и цркви, како и побогатите македонски куќи. Познати се многу копаничарски дела чии резби красат многу од црквите и надвор од Македонија. Мотивот со гроздови ја претставува лозата на животот и симболика за животна обнова и врска помеѓу религијата и луѓето преку виното (крвта на Исус).