
ФОТО Поплавен подвозник во Тетово, автомобил остана заглавен во водата
Поголема количина насобрана вода по обилните врнежи го поплави подвозникот во тетовската населба Дарданија, во близина на полигонот, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот. Еден возач се обидел самостојно да помине низ водата, но неговото патничко возило останало заглавено.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, пријавата била добиена преку бројот Е-112. Возачот кој останал заглавен, успеал навремено да го напушти возилото и не е повреден.
На местото на настанот веднаш биле упатени екипи на СВР Тетово и Територијалната противпожарна единица Тетово, кои интервенирале со две возила и четворица пожарникари за санирање на состојбата и испумпување на водата.
Надлежните ги информираат граѓаните дека во населбата Дарданија постојат две алтернативни улици кои можат да се користат за непречено движење додека трае расчистувањето. Истовремено, се апелира до граѓаните за зголемена претпазливост и почитување на упатствата од службите на терен.
