
Ескобар: Се надевам дека одлуката за Мерко ќе ѝ помогне на Владата да продолжи со борбата против корупцијата
Се надевам дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД поради „значителна корупција“, ќе ѝ помогне на Владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, изјави американскиот заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Ваквата изјава Ескобар ја даде вчера за Програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.
– Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска – изјави Нефју.
Според него, ако државниот секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција тогаш треба да воведе визни ограничувања и затоа што законот „бара да се дејствува кога тие информации се достапни“.
Нефју нагласи дека засега не може да сподели конкретни докази за тоа зошто градоначалникот на Струга е ставен на американската „црна листа“, но потенцира дека според објавените информации се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“.
– Со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај – изјави Нефју.
Тој истакна дека ваквите одлуки имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.

