
Ердоган ги започна првите испораки на гас од Црното Море
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги започна првите испораки на турски гас од наоѓалиштето на Црното Море, неколку недели пред општите избори, додека Анкара бара енергетска независност.
Доставувањето доаѓа додека Ердоган сака да освои уште еден претседателски мандат на изборите на 14 мај. Тие избори се сметаат за најважни во современата историја на Турција.
Во 2020 година, Турција откри резерви на гас во близина на провинцијата Зонгулдак, околу 400 километри источно од Истанбул на брегот на Црното Море.
Во тоа време, Ердоган ги нарече овие резерви „најголемото наоѓалиште на природен гас во историјата на Турција“, што ќе и овозможи на земјата „да обезбеди енергетска безбедност“ и со тоа да се ослободи од зависноста од увоз на енергија.
Турскиот претседател објави „резерви проценети на 320 милијарди кубни метри“.
Во јуни 2022 година, Турција официјално започна со експлоатација и изградба на подводен гасовод што ќе и овозможи да произведува 10 милиони кубни метри гас дневно во првата фаза и до 40 милиони кубни метри дневно по пуштањето во употреба на другите бунари.
Според експертите, тие 10 милиони кубни метри гас дневно би покривале околу шест отсто од годишната потрошувачка на Турција, која изнесува 60 милијарди кубни метри и би дале поттик на економијата.
„Тоа е историски чекор на патот на Турција кон енергетска независност. Кога ќе го достигнеме целосниот капацитет, ќе задоволиме 30 отсто од потребите за гас на нашата земја“ од резервите на Црното Море, изјави денеска Ердоган на церемонијата во Зонгулдак.
Минатата година 40 отсто од потрошениот гас во Турција доаѓаше од Русија.
Турција, исто така, увезува гас од Азербејџан и Иран, што ја натера Анкара да бара начини за диверзификација на снабдувањето, особено по почетокот на војната во Украина.