
„Едно училиште за цела држава“: Образованието на лицата со оштетен слух пред реформи – Сиљановска предлага толкувачи во секоја гимназија
Предизвикот со кој се соочуваат семејствата од внатрешноста е огромен – за да добијат соодветно образование, нивните деца мораат да патуваат или да живеат во Скопје. Токму затоа, фокусот се поместува кон инклузивни модели кои ќе го донесат образованието поблиску до домот на ученикот.
Директорката на училиштето, Слободанка Џеповска, истакнува дека стереотипите за можностите на лицата со оштетен слух полека се рушат. Училиштето не само што нуди стручно образование, туку претставува и отскочна даска за високо образование.
Клучна улога во транзицијата кон инклузивно образование има Ресурсниот центар во рамките на училиштето. Неговата мисија е обука на образовни асистенти – кадар кој е неопходен за поддршка на учениците во редовната настава.
Со помош на овие асистенти, крајната цел е средношколците со оштетен слух да можат непречено да посетуваат настава во родните градови, наместо да бидат сегрегирани или дислоцирани во Скопје.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, се заложи за реформски пристап кој ќе обезбеди еднаков пристап до образованието. Таа смета дека наместо изградба на специјални училишта во секој град, пологично е системот да се адаптира кон учениците.
„Знаковниот јазик може да се научи. Во иднина би можеле да размислуваме реформски – можеби е тоа и поевтино, а и многу пологично и похумано, во секое средно училиште да имаме експерт за знаковен јазик. Така учениците ќе можат на автентичен начин да го дознаат тоа што се предава,“ истакна претседателката.
Паралелно со реформите во средното образование, државата започнува битка и на полето на раниот детски развој. Првите години од животот се клучни, па затоа три министерства – за здравство, за социјална политика и за образование – ги здружуваат силите.
Најавено е воспоставување на систем за рана детекција на потешкотиите во развојот. Во тек е обука на специјализирани тимови во здравствените установи кои ќе вршат скрининг на сите деца до шестгодишна возраст, со цел навремена интервенција и поддршка на семејствата уште од најраната возраст.
