
„ЌЕ ДЕЛИШ ПАКЕТИ ВО ЦРКВА“ Им дал лична карта, му стигнал долг од 3.500 евра

Фотографија од лична карта за наводна работа во црква се претворила во долг од 215.731 денари за 18-годишно момче од демиркаписко. Наместо ангажман и заработка, тинејџерот добил писмо за отплата на кредит од околу 3.500 евра, подигнат на негово име.
Според информациите од ОВР Неготино, пријавата била поднесена на 17 февруари 2026 година во 09:45 часот. Момчето изјавило дека во периодот октомври – ноември 2025 година, во Неготино било контактирано од машко лице кое побарало да ја фотографира неговата лична карта.
Непознатото лице му објаснило дека документот е потребен за постапка поврзана со ангажман за делење пакети во црква, за што наводно требало да добие паричен надомест. Момчето се согласило и ја дало личната карта за фотографирање.
По настанот, никогаш не било повикано за работа. Не добило ниту исплата.
Сомнежите се појавиле кога момчето добило писмо од финансиско друштво со известување за отплата на кредит подигнат на негово име. Станува збор за 215.731 денари, односно околу 3.500 евра.
Оштетениот се сомнева дека кредитот бил подигнат со злоупотреба на неговите лични податоци и фотографијата од личната карта.
.
