
Драшковиќ за идејата Србија да се приклучи на БРИКС: Таа резолуција е глупост што не треба ни да се разгледува
Резолуцијата на Вулин за пристапување во БРИКС е глупост, вели лидерот на Српското движење за обнова (СПО) и поранешен шеф на дипломатијата Вук Драшковиќ.
Тој денеска изјави дека предлог резолуцијата на Движењето на социјалистите на шефот на БИА Александар Вулин за пристапување на Србија во БРИКС е глупост што не треба ни да се разгледува, јави дописникот на МИА од Белград.
„Од основањето до денес, СПО е за Србија во Европа и Европа во Србија. Тоа е единствениот разумен пат“, изјави Драшковиќ за агенцијата Бета.
„Со поднесувањето на оваа луда резолуција, тој ја користи трагичната вистина дека денес за огромното мнозинство Срби во Србија, Република Српска и Црна Гора, земјите од НАТО алијансата и Европската унија, целиот „колективен Запад“ се непријатели на српскиот народ, а пријатели и заштитници на Србите се Русија, Кина, Северна Кореја, Иран, Сирија, Венецуела, африканските диктатури под команда на Вагнер“, рече Драшковиќ.
Од партијата на Вучин бараат од Владата на Србија во рок од 30 дена од евентуалното усвојување на Резолуцијата да побараат од БРИКС позиција на држава набљудувач, како и да формираат Министерство за приклучување кон БРИКС и да донесе посебна стратегија за тоа.
Резолуцијата би го задолжила претседателот на Собранието да распише референдум за ова прашање, додека во образложението за усвојувањето стои дека Србија би ја задржала воената неутралност, но и дека не предвидуваат прекин на активностите на т.н. евроинтеграциите.
И претседателот на Република Српска, Милорад Додик предложи Босна и Херцеговина (БиХ) да поднесе барање за членство во БРИКС, економската групација во која се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.
