
Доларот зајакна четврта недела по ред
На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути се зголеми и минатата недела, четврти пат по ред.
Ова се случи бидејќи се појасно е дека американската централна банка нема да ги намали каматните стапки веќе во март.
Индексот на доларот, кој ја следи вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, се зголеми за 0,5 отсто минатата недела на 103,96 поени, блиску до највисокото ниво во последните седум недели.
Истовремено, доларот зајакна за 0,6 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,0785 долари.
Курсот на доларот порасна и во однос на јапонската валута, за 0,15 отсто, на 148,38 јени.
