
Дневна евтина тарифа значи двојно поевтина цена на струјата, вели Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека граѓаните плаќаат субвенционирана цена на струјата во нашата држава благодарение на субвенциите коишто ги обезбедува Владата од буџетот.
Ковачевски вели дека на секоја сметка која што граѓаните ја добиваат од универзалниот снабдувач, точно е наведено во кој опсег колку електрична енергија трошат и колку е субвенцијата од државниот буџет.
„И тие субвенции се движат во текот на изминатата година и половина скоро ќе биде веќе две години до 90 проценти од сметката, што значи доколку не е таа субвенција сметките на граѓаните би биле дупло повисоки. Воведувањето на дневната евтина тарифа значи двојно поевтина цена на електрична енергија која што во текот на денот од 13 до 15 часот ќе ја плаќаат граѓаните и во тој временски период вие знаете дека во домаќинствата се одвиваат подготовка на оброци и голем број на други активности со оглед на тоа дека тоа се големи консументи на електрична енергија, грејни тела итн., тоа овозможува намалување на финалните сметки на граѓаните. Со тоа најмногу се штити стандардот на оние коишто во тоа време се дома, а тоа се доминантно над 350.000 пензионери, тоа се родители коишто се грижат за своите деца итн.“, вели Ковачевски.
