ДИРЕКТОРОТ НА ПАЗАРНА Е СЕРИОЗЕН: Трговци регистрирајте се, ќе има надзори, ќе ја елиминираме нелојалната конкуренција
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски упати сериозен апел до нерегистрираните трговци, во најбрз можен рок да извршат регистрација.
„Имајќи ги предвид извршените надзори на терен по Одлуките донесени од Владата за овошјето и зеленчукот и поплаките од граѓаните кои секојдневно стигнуваат и лично до мене и до пазарниот инспекторат, сакам да потенцирам дека периодов во фокусот ќе биде и елиминацијата на нерегистрираните трговци. Не зборувам за чесните и регистрирани земјоделци, туку за оние кои свесно ги прекршуваат законите и нерегистрирани продаваат и препродаваат производи.
Упатувам апел до оние кои вршат нерегистрирана дејност, во најбрз можен рок да извршат регистрација, која е многу едноставна и нема да им одземе повеќе од два дена.
Надзори ќе се прават низ целата земја и тоа за нерегистрирана продажба на секаков вид производи.
Доколку оставиме простор да се проширува нелојалната конкуренција која ја создаваат нерегистрираните трговци, така и нечесните трговски практики ќе се одразат врз регистрираните трговци кои си ги исполнуваат обврските кон државата, со што системот ќе затајува, а тоа никому не оди во прилог.
Ги охрабруваме граѓаните доколку забележат или веќе познаваат нерегистрирани трговци, препродавачи и продавници, веднаш да пријават во пазарниот инспекторат“, напиша Трајковски Штраус на својот фејсбук профил.