Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 ДЕНТА КОГА ЗАГИНА, ДОЗНАЛ ДЕКА ЌЕРКА МУ Е БРЕМЕНА Продолжи судењето за прегзувањето на Југослав Николовски на кејот на Вардар
Македонија

ДЕНТА КОГА ЗАГИНА, ДОЗНАЛ ДЕКА ЌЕРКА МУ Е БРЕМЕНА Продолжи судењето за прегзувањето на Југослав Николовски на кејот на Вардар

21/11/2025

AA

Со сослушување на законскиот застапник на семејството на загинатиот Југослав Николовски и со расправа околу предложените докази на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против 25-годишниот скопјанец Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотор „кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар, го прегази 68-годишниот Николовски и го напушти местото на несреќата.

Јавната обвинителка побара Судот да ги одбие доказите за казнена евиденција, предложени од одбраната на Љури.

– Предлагам на Судот да ги одбие доказите кои што се наведени од страна на одбраната, бидејќи фактите кои треба Судот да ги потврди не се релевантни, односно не постои поврзаност меѓу предложените докази и решавачките околности за определување на санкцијата – рече обвинителката.

За Обвинителството личните и семејните прилики на обвинетиот Љури не се спорни, но, како што нагласи обвинителката, тие немаат влијание врз утврдување на фактите поврзани со кривичното дело. Според неа, психијатриското вештачење на вонбрачната партнерка е нерелевантно, бидејќи „околностите што влијаат на казната се врзани за личноста на сторителот, а не за лица од неговото семејство“ и затоа, нагласи, Судот има поголема обврска да ја цени состојбата и траумите на семејството на жртвата, отколку членовите на семејството на обвинетиот.

Во врска со дополнително доставеното сообраќајно вештачење, Обвинителството оцени дека со таквиот доказ се алудира на поинаква фактичка состојба, спротивна на признанието на вина, што веќе го дал обвинетиот.

– Во услови на признание на вина, фактичката состојба е утврдена и не може повторно да се утврдува, ниту обвинетиот има право да ја оспорува. Вештачењето на ОЈО јасно наведува дека оштетениот нема придонес во незгодата – нагласи обвинителката.

Според бранителот на обвинетиот Љури, адвокат Гоце Ристески, доставените докази се однесуваат исклучиво на одредувањето на висината на кривичната санкција.

– Доставивме докази по четири основи: степен на одговорност, семејни прилики, поранешен живот и имотно-правни околности. Доказите за вонбрачната заедница и очекуваното дете се дел од семејните прилики и Судот треба да ги цени – изјави Ристески.

Додаде дека и предложеното психијатриско вештачење е релевантно, бидејќи придонесува за целосно согледување на семејната состојба на обвинетиот.

Во врска со дополнителното сообраќајно вештачење, Ристески посочи дека тоа не ја менува фактичката состојба, туку појаснува околности што може да бидат од влијание при одмерување на санкцијата.

По разгледувањето на приговорите, Судот донесе решение со кое делумно го прифати приговорот на јавниот обвинител. Прифати дел од доказите предложени од одбраната на 9 октомври и 11 ноември 2025 година, кои се однесуваат на определување на санкцијата, но не го прифати техничкиот извештај и дел од доказите наведени во листата од 9 октомври. Во поглед на нивната релевантност и веродостојност, пак, Судот ќе се произнесе во пресудата.

На денешната расправа на прашања од Обвинителството одговараше и законскиот застапник на покојниот, неговата сопруга Јасминка Николовска, која посочи дека кривично-правниот настан силно влијаел врз животот на целото семејство. Таа пред Судот изјави дека има две ќерки, а за една од нив, истиот ден кога се случила несреќата, дознале дека е бремена, вест која, како што кажа, се претворила во траума наместо радост.

Обвинителството го товари Љури за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Според обвинението, тој управувал мотор без дозвола по пешачка патека со брзина од 35 километри на час, што се смета за небезбедно на локација предвидена исклучиво за пешаци. По несреќата, обвинетиот го напуштил местото на настанот.

По рочиштето, изјава за медиумите даде ќерката на починатиот, Маја Бошковска, која изрази надеж дека ваквото безобзирно управување на моторно возило ќе биде најстрого казнето.

– Денешното рочиште беше исклучително тешко и стресно за нашето семејство. Секојпат кога сме во судница, повторно и повторно нè враќа на трагичниот настан и се чувствуваме како повторно да го губиме татко ми. Тој беше несмасно, смртно прегазен на пешачка патека, место кое треба да претставува симбол на безбедност. Татко ми буквално беше прегазен пред очите на деца, на нивните родители, на граѓаните кои секој ден го поминуваат тоа место. Затоа навистина се надеваме дека ваков невнимателен, опасен начин на управување со возило најстрого ќе се санкционира – изјави Бошковска.

.

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

Од 14 септември блокада на границите: Камионџиите од Западен Балкан

10/09/2026
Македонија

Македонски државјанин уапсен во Загреб под сомнение за сексуално злоставување

10/09/2026
Македонија

Прв случај во Свети Николе: Бројот на заболени од западно-нилска

10/09/2026
Македонија

Оставка во Шутка: Директорот Бобан Утковски се повлекува од функцијата

09/09/2026
Македонија

Бугарија заплени опасни пиперки и грозје од Македонија и Турција

09/09/2026
Македонија

Нафтата го проби прагот од 100 долари за барел: РКЕ

09/09/2026
Македонија

Скандал во Советот на Град Скопје: Разрешен Училишниот одбор на

09/09/2026
Македонија

Македонските ученици со нов пад – математиката им е најслаба

09/09/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 45599
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

Од 14 септември блокада на границите: Камионџиите од Западен Балкан најавуваат прекин на сообраќајот кон

10/09/2026

Камионџиите од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од 14 септември најавуваат прекин на товарниот сообраќај кон Европската

Македонски државјанин уапсен во Загреб под сомнение за сексуално злоставување на 15-годишно девојче

10/09/2026

Хрватската полиција уапсила 66-годишен македонски државјанин на аеродромот „Фрањо Туџман“ во Загреб, поради сомнение дека сексуално злоставувал 15-годишно девојче кое

Прв случај во Свети Николе: Бројот на заболени од западно-нилска треска се искачи на 58

10/09/2026

Во Македонија досега се регистрирани 58 случаи на западно-нилска треска, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје, заклучно со

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy