
„Да не слушнам ни збор дека можела поинаку, НЕ МОЖЕЛА“: Психолог со силна порака по трагедијата во Карпош
Трагичниот настан во кој згаснаа животите на млада мајка и нејзината малолетна ќерка повторно ја отвори дебатата за институционалниот одговор на семејното насилство и за пропустите што можат да чинат човечки животи.
По трагедијата, со силна јавна реакција се огласи психологот Тиана Ивановска, основачка на организацијата „СебеСложувалка“, која во објава на социјалните мрежи остро ги критикуваше институциите и ги отфрли обвинувањата кон жртвата.
Ивановска наведува дека две години работела како психолог во анонимен шелтер за жени жртви на семејно насилство, а дополнително искуство има и во други форми на поддршка во оваа област. Според неа, низ годините била сведок на „институционална глувост, некадарност и партиски влијанија“ во рамки на системот за социјална заштита.
Таа посочува конкретни примери на, како што вели, сериозни пропусти – транспорт на жртва и нејзините деца со службено обележано возило, со што, според неа, се зголемува ризикот од нивно лоцирање од страна на насилникот, како и одолговлекување на судските постапки за изрекување мерки за забрана на пристап. Ивановска тврди дека во пракса често се случува насилниците да останат несанкционирани или случаите да завршат со „консултативни разговори“ наместо со конкретни заштитни мерки.
Во објавата таа реагира и на јавните коментари дека жртвата „можела поинаку“, нагласувајќи дека луѓето кои не поминале низ такво искуство не можат да ја разберат состојбата на постојан страв, закани и контрола. Според неа, животот надвор од домот понекогаш може да биде подеднакво или повеќе опасен, особено кога институционалната заштита е недоволна или нефункционална.
Ивановска бара темелна ревизија на сите релевантни досиеја и постапки поврзани со случајот, утврдување на евентуални пропусти и одговорност не само кај сторителот, туку и кај службени лица кои, како што наведува, со својата неажурност или корупција можеле да придонесат за трагичниот исход.
„Земете ги сите досиеја и чешлајте ги до секоја точка. Сите пропусти да се најдат и да се казнат“, повикува таа, додавајќи дека санкционирањето на поединечен насилник не е доволно доколку системските слабости останат недопрени.
Трагедијата уште еднаш го стави во фокус прашањето за ефикасноста на институциите во заштитата на жртвите на семејно насилство, како и потребата од суштински, а не само декларативни реформи.
