
Браво јунаци: Македонија со пресврт до стартна победа на ЕП во Скопје (ФОТО)
Македонските одбојкари имаа перфектен влез на Европското првенство на кое и ние сме домаќини. Македонија стартуваше со победа над Данска од 3-1 во сетови. Данците беа еден од противниците кои моравме да ги добиеме за да ја одржиме надежта за пласман во следната фаза, мисијата ја исполнивме.
Во првиот дел од првиот сет се играше изедначено, двете репрезентации се менуваа во водство, при предност од 13-12 за Македонија, Данците направија серија од 4-0, се одлепија на три разлика и ја задржаа таквата позитива до самиот крај добивајќи го сетот со 25-22.
Како одминуваше натпреварот македонските одбојкари се ослободуваа од почетничкиот грч и играа полесно. Вториот сет го вративме со иста мера на речиси идентичен начин. Беше 25-22 за нас. Израмнивме на 1-1.
Третиот сет го почнавме доминантно, имавме 6-2, во воведниот период, зголемивме и на 10-5. Данците се обидуваа да се вратат, но македонските одбојкари беа на висина на задачата, не дозволија пад на концентрацијата и убедливо го добивме сетот со 25-19. Го свртевме мечот во наша полза, поведовме со 2-1 во сетови.
Четвртиот сет беше тесен Данска имаше предност од 22-11 кога Македонија направи серија од 4-0 и го доби сетот за победа од 3-1. Голем триумф на македонските одбојкари со кои ни се зголемуваат апетитите за добар настап на овој историски шампионат за нас.
