
Божиновска: Лидерството не е за позиција, туку за одговорност и резултати
,,Жените како лидери во општеството
носат позитивни промени и покрај сите предизвици со кои се соочуваат како нееднаква
плата, ограничен пристап до лидерски позиции и системски бариери. Но, и покрај овие
предизвици, ние продолжуваме да се издигнуваме, да ги поместуваме границите и
да го бараме нашето вистинско место во иднината што и ние ја обликуваме” порача министерката за енергетика
Сања Божиновска на Женскиот економскиот форум- Балкан 2024.

Министерката посочи дека бројките сè уште покажуваат дека
жените се недоволно застапени на клучните, одлучувачки позиции, позиции со одговорности
и со висока компетентност, а учеството во работната сила заостанува зад европскиот
просек. Во земјите од Западен Балкан, учеството на женската работна сила е едно
од најниските во Европа.

Божиновска сподели и искуство од нејзиното патување во професионалната кариера надвор од Македонија,
на кое имало бариери со кои се соочуваат многумина – бариери на сомнеж, родова пристрасност
и отпор кон промените.
,,Кога станав министерка за енергетика, брзо
сфатив дека овој сектор – како
и многу други – беше
сектор во кој жените беа недоволно застапени. Но, секој од овие предизвици само
ја поттикна мојата решеност. Знаев дека лидерството не е поседување на титула, туку
преземање на акција. Научив дека лидерството не е за позиција, туку за одговорност
и резултати, и како жени, мораме постојано да притискаме за промени, не само за
себе, туку и за секоја жена која гледа на нас и верува во подобра иднина.Нема да
чекаме да се случи промена, ние ќе ја предизвикаме промената, ќе бидеме промена” истакна министерката.
На Форумот кој се одржува во Скопје, успешни и
инспиративни жени од политиката,
бизнисот и академската заедница испратија моќни пораки за важноста на жените да
се мотивираат и да се поддржуваат меѓусебно. Учество земаа 300 бизнис-лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици
од Португалија, Индија,
Египет, Турција, Хрватска, Словенија и од земјите од Западен
Балкан. Настанот е дел од глобалната франшиза на Women Economic Forum (WEF) и
глобалната мисија Г100 Милион.
