„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ГИ ФАТИ ВО ТУНЕЛИТЕ КАЈ ДЕМИР КАПИЈА Срби возеле со 169 и 175 км/ч, каде што е дозволено 80
Двајца српски државјани се лишени од слобода откако системот „Безбеден град“ ги евидентирал како возачи кои на автопатот А1, на делницата низ тунелите меѓу Демир Капија и Гевгелија, возеле со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената. Едниот возел со 169, а другиот со 175 километри на час, иако на тој дел од патот максималната дозволена брзина е 80 километри на час.
Првиот случај бил откриен на 18 октомври, во 19:05 часот, на граничниот премин Табановце, на излез од државата. При проверка на „мерцедес“ со српски регистарски ознаки, полицајците утврдиле дека 36-годишната Н.З. од Србија преку системот „Безбеден град“ била евидентирана за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик.
Неколку часа подоцна, во 22:45 часот, на истиот граничен премин бил лишен од слобода и 58-годишниот В.Ж. од Србија. Тој управувал „ауди“ со српски регистарски ознаки, а системот регистрирал дека на истата делница од автопатот А1 возел со 175 километри на час, на место каде што е дозволено најмногу 80 километри на час.
Двајцата возачи биле спроведени во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
.
Извор: plusinfo.mk