
Бектеши: Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично за Иловица
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска пред медиумите објасно зошто е побарано и одобрено спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато од компанијата Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, за рудникот Иловица.
Тој вели дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд, и го презентираше целиот процес за добивање на две концесии.
„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши.
Тој вели дека првата постапката започнала во 2005 година а завршила со потпис на концесија од тогашниот министер Зоран Ставревски во 2012 година. Но, откако фирмата во 2016 год побарала дозвола за експлоатација што е финален чекор, министерството за економија во 2019 во време на Бектеши како министер, ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна.
Иницијативата за втората концесија била отпочната во 2009 год, ги поминала исто така сите фази и позитивни мислења од Министерството за животна средина, за Транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за земјоделство, Општините Босилево и Ново Село и одлуката за давање на концесија била потпишана од тогашниот премиер Никола Груевски во 2015 година. Кога повторно во Министерството за економија било побарана дозвола за експлоатација повторно во 2019 год било донесено решение дека документацијата е некомплетна.
Во меѓувреме во два наврати фирмата побарала да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки.
Токму тоа вели Бектеши дека е причина што сега во 2023 та Управниот суд донел одлука дека мора да се одлучува по барањето за спојување на двете концесии.