
Бектеши најавува поевтини производи со нов Закон: Рабатот нема да смее да биде над 10 отсто
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска по средбата со претставници на Стопанската комора на РСМ рече дека се подготвува целосно нов Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, а прописот ќе се носи по скратена постапка по консултациите кои ќе траат уште 20-тина дена.
Според Бектеши, главната поента на овој Закон е тоа што на само 10 отсто ќе се ограничи рабатот – профитната маржа на еден производ што ја одредува производителот, а не продавачот. Ова, според Бектеши, ќе го подобри и квалитетот на производот, бидејќи на многу продукти им се губат својствата кога не се продаваат само поради тоа што производителот „го увенува“ продавачот да го нуди со висока маржа.
Во некои случаи малопродажната цена ја одредува производителот (најчесто на прехрамбени и други производи за широка потрошувачка) и во тој случај одобрува рабат. Рабат е разликата во набавната и продажната цена што ја одредува производителот и често малопродажната цена е означена на амбалажата на производот. Во тој случај трговецот не би смеел да ја зголемува цената.
– Нема да се дозволи да се наметнува моќта на една компанија да се наметнува кај другите. Овој закон кога ќе стапи во сила ќе делува веднаш на намалувањето на цените на производите. Во подобрувањето на квалитетот на производите, во предвидливоста и сигурноста и на продавачите и на купувачите, соглансо нефер трговските практики. Таму е наведено колку може процентуално да биде максималниот рабат. Тие рабати надминуваат и 30, па и 40 отсто од производствената цена. Со ова законско решение процентот ќе биде најмногу 10 отсто, што ќе влијае на цените веднаш и директно, рече Бектеши.
Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија рече дека генерално бизнисот нема забелешки за предложениот Закон, а единствено дека треба да се разгледа рокот од шест месеци за стапување во сила, затоа што производителите и продавачите ги прават договорите на годишно ниво.
Бектеши дополни дека во прописот стои дека глобите за непочитување на ваквите правила ќе достигнуваат и до 20.000 евра.

