
Бебе родено во првите минути од денешната 100-годишнина од Република Турција ќе го носи името на нејзиниот основач
Бебе родено во Истанбул во раните утрински часови денеска, кога Турција одбележува 100 години од основањето како република, го доби името „Ата“, по основачот на републиката Мустафа Кемал Ататурк, јави турската телевизија Хабертурк.
Родителите не ја криеја радоста поради тоа што нивниот син се роди со доаѓањето на овој важен датум.
„Многу сме среќни што се совпадна со 29 октомври. Кога ја слушнавме веста од нашиот лекар, веднаш почнавме да размислуваме за името. Се одлучивме за „Ата“ како најсоодветно име“, вели тато Ердем Озтурк.
Мајката Јагмур Озтурк му посака на малиот Ата да биде „добар син на татковината и нацијата, како што доликува на неговото име“.
„Ата“ на турски значи „татко, предок“.
Мустафа Кемал, основачот на Турската Република, го усвои името „Ататурк“ (Татко на Турците) откако беше донесен закон во 1934 година со кој презимињата беа задолжителни во земјата. Ова е една од реформите на Мустафа Кемал спроведена во социјалната сфера. На 17 декември 1934 година бил издаден друг закон со кој се забранувало користење на презимето „Ататурк“ од други лица.