
Бајден: Ако Украина падне, следен е Балканот
Ако Украина падне во рацете на Русија, ќе следат Балканот, Полска, па дури и Унгарија на Орбан. Ова го рече американскиот претседател Џозеф Бајден за време на говорот пред градоначалниците на американските градови во Белата куќа во Вашингтон.
Претседателот на САД индиректно ги упати овие зборови до Конгресот, каде помошта за Украина е блокирана со месеци. Бајден инсистираше на тоа дека Соединетите држави горко ќе зажалат доколку ја повлечат својата поддршка. Според американскиот претседател, поради Украина се случил еден од ретките моменти во историјата кога Европа без страв погледнала кон Русија. Тој инсистираше да не се пропушти таков момент поради неодлучност.
„Ако сега се повлечеме и Русија успее да ја продолжи својата инвазија, да ја собори Украина, што мислите дека ќе се случи со балканските земји? Што мислите дека ќе се случи со Полска? Или со Унгарија и Орбан? Сериозно – размислете за тоа. радикално ќе ја промени целата слика“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.